
И покрај тоа што постојано се слушаа жалби од преработувачката индустрија извозот на ајварот успеа да порасне за 67% во рок од 5 год! Како што спомнав во некои претходни статии, ајварот како производ во Македонија е исклучително небрендиран. Меѓутоа, тој на странскиот пазар фигурира како производ кој има автентично регионално (балканско) потекло и покрај цената, ова е голем фактор поради кој го постигнува овој успех. Сепак, доколку соседите почнат да се борат за истите пазари, брендот ќе биде пресуден за останувањето во игра на македонските производители.
Интересно е да се разгледа и листата на топ 5 земји каде ајварот се извезува:
1. Србија
2. Германија
3. Хрватска
4. БиХ
5. Австралија
Доколку сакаат да го пробијат својот извоз надвор од балканските земји, или пак надвор од оние каде што има балканско малцинство, географското потекло и уникатноста на производот е она на што поризовдителите треба да обрнат највеќе внимание. Во таа насока, ајварот би требало да се промовира како деликатес и како уникатно искуство за странскиот потрошувач. Ова дозволува покачување на цената, а со тоа и ексклузивизирање на производот. Иако пласманот ќе биде значително помал од оној во Србија, Хрватска и БиХ, би се избегнала ценовната битка која се води во овие земји и нашите производители би добиле уникатна можност да го промовираат ајварот на овие пазари ексклузивно како македонски производ, фактор што на долг рок би им дал огромна предност. Оваа стратегија е веќе испробана кај извозот на нашето вино и би нашла добра примена кај ајварот со оглед на тоа што квалитетот на производите е генерално висок.
Извор: Капитал
Објавено 13 февруари 2013