НЕКИЦИТЕ ОД РЕКОРД

Слоганот вака има повеќе смисла
Слоганот вака има повеќе смисла

Редок е скопјанецот што не бил на Стража и што не ги јадел тамошните мекици. Ова искуство редовно се повтрорувало секоја година  и беше/сеуште е еден од најсветлите (светите?) мигови во нашето искуство поврзано со годишните одмори. Штом ова искуство за скопјанецот се повторувало циклично секоја година, тогаш имаме дозвола за да го употребиме терминот традиција. Ајде да разгледаме одблизу во што се состои оваа традиција?

Панично се спремате за годишен одмор и тргнувате на пат. Ви паѓа мисла колку време ќе треба да патувате до Охрид/Струга и колку треба да се мрцварите баш на тој одреден датум во Јули. Го поминувате Гостивар и почнува патешествието. Ги искачувате младите верижни планини на Македонија! Од време на време фрлате поглед надвор гледајќи удолу во потенцијално смртоносните Мавровски провалии. Ви се затнуваат ушите и се концентрирате на бескрајната нота од брмчењето на моторот подесен во брзина за искачување на угорнини.  Во оној миг кога помислувате дека ова искачување нема крај, пред вас се отвора една мала чистинка и сфаќате дека возилата од спротивната лента исто така доаѓаат од некаква угорнина. Вие сте на Стража, а на Стража (ако не патите од кинетозис) обавезно ве чека мекица (нема друго) обвиткана во бакалска хартија на која со масло е оцртана дланката на продавачот.  Си помислувате дека заситени липиди во комбинација со пладневно јулско сонце на планински превој и не е така добра идеја. Сепак, загризувате.  Топлината и мекоста на тестото ги освестува заспаните сетила во вашата збумбарена глава и пред очите почнува да ви се појавува различна текстура. Напливот на нутриенти комбинирани со недостатокот на вообичаената доза на кислород на која сте навикнати ве тераат да си кажете: „Животот е блажен“. Влегувате назад во автомобилот и како што тој лизга по удолнината така и вам ви навираат чувства на леснотија. Од тој миг започнува вашиот годишен одмор.

Имајќи го ова предвид, сметам дека традицијата поврзана со Стража не се наоѓа во рецептот на мекиците туку во самото искуство на јадење мекици. Ова е значајна и клучна разлика врз која ќе го градам текстот понатаму.

Дури лани имав можност да го посетам Охрид после прилично долго време и бев затекнат со новиот имиџ на ресторанот на Стража. Сега местото имаше свој концепт и тој концепт беше прилично брендиран тргнувајќи од буквалното (но супер-успешно) име, до брендираните чаши за кафе, униформите на вработените се до новиот мебел и новото уредување на просторот. Наспроти претходната слика, Стража делуваше многу урбано.

Желбата за урбаност се преточи и во идејата на двајцата браќа Игор и Војо Николовски да отворат ресторан и во Скопје. Првичните гласини беа дека ќе се отвори во Дебар Маало, но видовме дека добивме ресторан ни помалку ни повеќе на една од најурбаните локации во Скопје – Рекорд. Овде почнува првата тешкотија за овој бизнис затоа што една неизбежно рурална приказна преку ноќ се реинтерпретира како ултра-урбана.

Самиот ресторан гостите ги пречекува со една огромна и застрашувачка настрешница. Целиот ресторан кон надворешноста е отворен со стакло и внатре може да се забележат префинтетиот мебел и фината завршница на материјалите со кои се работело (читај кеш). Доминантните нијанси варираат од сиво кон црно и крем. Сето ова ме наведува да мислам дека преку двата ресторани се раскажува нечија приказна за масивност и мегаломанство. Дали таа е на некој од сопствениците или пак на некој со главен збор во архитектонскиот тим, од оваа дистанца тешко е да се каже. Во секој случај, имам впечаток дека и двата ресторани се проектирани и дизајнирани за мажи. Внатре може без проблем да закачиме глава од некој елен и не би сметало значително на ентериерот.

Ресторанот е поделен на два дела. Во едниот се сместени влезот и касите а во другиот се лоцирани масите и седиштата распоредени на две нивоа кои искрено  делуваат клаустрофобично. Местото е сеуште прилично посетувано и требаше да чекам околу 5 минути за да дојдам на ред (во вторник, во 22 часот).  Додека чекав неизбежно беше да се забележи буквата N. Оваа буква N важи за како што сакаат да се нарекуваат „најексклузивното кафе во светот“ – Nespresso.  Нарачав една пирошка со шунка и кашкавал (која претходно требаше да се загрее) и едно еспресо капучино (?) од  90 денари.  Ме услужуваше еден не-многу-брз средовечен господин така што имав уште време да разгледам околу шанкот и касите. Забележав дека асортиманот на производи е читко обележан на полиците на кои што освен мекиците и пирошките имаше проја, панцероти, пици (?) и некакви пити. Во фрижидерот пред мене се наоѓаше чизкејк (?) од 130 ден а под него некаков вид на пехарчиња со логото на ресторанот. Господинот ми рече со несигурност дека еспресо капучиното е мало и јас кимнав со главата. Извади убаво дрвено послужавниче и ми го послужи кафето заедно со стоплената пирошка.

Се упатив кон моето место и седнав на една од столиците во ретро стил (мекиците сами по себе се ретро па не знам зошто е потребен  овој ретро потег во овој ултра модерен простор #retroception). Штом го поставив послужавникот на масата со иста боја си реков на себеси: „Чизкејк?! Што се случи со питата од тиква, парената торта или баклавата?“.  Почнав да јадам од пирошката и бев пријатно изненаден дека е истата како што ја памтам од детството – со истиот вкус на кашкавал и истиот вкус на масло. Морав да ги избришам прстите од една од белите салфети за да го разгледам буклетот (?) на Неспресо што беше поставен на масата. Го отворив и ми се појавија некои дијаграми… Некаков координатен систем кој го протолкував на следниот начин:

skapo

Стигнав до страната каде се опишани кафињата:

Капричо – Богато и впечатливо
Мешавина од јужноамериканска арабика со тинта на робуста, Капричо е еспресо со богата арома врз која доминира карактеристична нота на цереалии.

Паралелно ми се мота поинаква лента во главата:

Мекица – од времето.
Тесто од сол брашно шеќер што, кога беше мал, баба ти ја праеше. Најубаво иде со сирење и јогурт.

Разликата во речникот а со тоа и световите е огромна. Се наоѓам во локал каде истовремено се продава јогурт и јужноамериканска арабика со тинта на робуста!

Почнува да ми станува јасно дека женидбата меѓу овие два бренда е многу несреќна. На едната страна имаме фамилијарен бизнис со корени во македонската култура и традиција, поврзан кон домашното и од другата страна имаме глобална корпорација која пласира линија од своите производи наменета за префинетиот потрошувач. Се вртам околу себе и сфаќам дека просторот е целосно декориран со фотографии од кафе и се прашувам дали сопствениците ја изгубиле битката во преговорите со големите ајкули од Нескафе и дали се воопшто свесни за тоа? Постои и друга варијанта каде сопствениците се директно поврзани со овој бренд па го користат ресторанот за промоција и на двете приказни…

Седејќи во неудобниот, но сепак стилски стол се прашував како ќе изгледа овој ресторан на пролет кога пред него ќе бидат начичкани маси како во слагалица. Дали навистина секојдневна гледка кон масите ќе биде фамилијата што доаѓа надвор од градот во посета на некоја роднина во Клинички, со сиренце и мекици во рацете или пак две јаки фуфи кои пијат кафиња од 150 денари со тинта на јасмин и смело буке на темјан што се произведува во Јордан? Или пак фуфите ќе бидат оние со измрсени цвикери и размачкана пудра од мекиците, а  фамилијата ќе биде онаа што ќе се прави дека се е кул и ќе глуми дека не се освестува од што ја снашло на каса дур нарачувала две голтки кафе?

Без разлика на што ќе се случува со клиентите на ресторанот, сметам дека овие мекици нема да бидат исти како оние на Стража. Како што реков на почетокот, магијата на брендот се состои во искуството на јадење на мекици на едно некарактеристично место, во едни некарактеристични услови. Она што сопствениците го прават преку овој ресторан не е само конформирањето на искуството (како и во било кој фаст фуд ресторан) туку и дополнително ја замаглуваат сликата со тоа што решиле да стапат во партнерство со еден бренд кој има дијаметрално спротивни вредности. Во потрага по максимално урбана приказна, сопствениците ги пропуштаат останатите можности што им ги нуди Скопје во однос на локациската поставеност на ресторанот како Милениумскиот Крст,  идниот комплекс кај Св.Пантелејмон или пак во Градскиот парк. Во урбани услови овој ресторан сметам дека повеќе би функционирал како локација со мала квадратура, без места за седење или како drive-trough со работно време од 24 часа. Овие алтернативни концепти не само што би го збогатиле искуството од Стража, туку исто така би го одглавиле бизнисот од самопоставената стапица  – лоцирање на традицијата во самиот рецепт кој искрено и не се разликува значително од она што може да го направиме самите дома.

Она што е најжално во целата приказна е што ресторанот во кујна навистина има вработено дел од локалниот персонал (делиме исти влез каде што одам да учам јазик) но, овој персонал најверојатно не може ни да го прочита слоганот на логото кое што самиот го носи – since 1942 recipe.

One thought on “НЕКИЦИТЕ ОД РЕКОРД

  1. Покраj другото првиот пат кога нарачав макиjато, ми дадоа сосема нешто друго.
    1. Девоjчето на шанк не знаеше да jа активира машината
    2. Рече дека тоа што го имаат во менито не било исто со тоа што го нудат.

    Мислам дека местово е осудено на пропаст.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s