10 најдобри македонски пакувања бр.8 и бр.7

Оцет „Салатко“ – Скопска Пивара | PET 0,7l и 0,33l | Дизајн: Idea+

На седмото место станува збор за малку подзаборавен производ, можеби и од страната на потрошувачите и од страна на самиот производител. Не можев да ја лоцирам точната година кога се појавил овој производ во ова пакување меѓутоа чинам дека тоа беше во текот на раните 2000ти. Уште од првиот поглед, ова пакување за мене стана референца за една успешно завршена работа меѓутоа уште поважно, тоа кај мене создаде емоција и со производот од тој момент воспоставив личен и интимен дијалог.

Најголемите причини за воспоставената емоција можеби се се формата шишето како и тактилното искуство што го нуди ова  пакување. Употребувајќи го овој производ, можете да доживеете дури 6 различни тактилни чувства: мазноста на пластиката, рељефот на встиснатиот лозов лист, деликатниот квалитет на етикетата, грубата текстура на картонот, малите бодежи од конопот и масниот квалитет на восокот. Понатаму, отворањето на овој производ претставува посебна церемонија. Најпрвин го отплеткувате чворот од конопот,  го кршите восокот, го одврзувате и распакувате картонот, го одвртувате капачето и го отворате малиот отвор од кој конечно може да протече скапоцениот оцет. Иако ова пакување на прв поглед делува прилично народно, се чини дека скапоценоста е главниот принцип според кој (намерно или ненамерно) се раководел креативниот тим при создавање на пакувањето. Ако одблизу се погледне историјата на оцетот може да видиме дека неговата употребна вредност била многу голема: од средство за презервирање и чистење до неговата употреба како зачин и неговата употреба како антибиотик. Несомнено, оцетот низ вековите бил витална и скапоцена супстанца. Токму затоа оцетот во пакувањето од 0,33l завзема форма на шише кое наликува дека истовремено би можело да се употреби како нешто во кое би чувале некаков вид на осветена вода или пак животен еликсир (за оние што играле компјутерски игри – мана).  Церемонијата при првото отворање на ова пакување дополнително придонесува за овој впечаток – вие не отворате било што, вие отворате една посебна супстанца, во случајов еден посебен вид на оцет.

Настрана подлабоките пораки кои ги праќа ова пакување, сметам дека тоа исто така фантастично функционира во сценарио кога би го користела и нашата типична домаќинка. Треба да се земе предвид фактот дека приказната за пакувањето и брендот на еден производ не завршуваат на рафтот. Секој производ што се купува од продавницата се пренесува, складира и употребува во рамките на домот. Од таа гледна точка, може да се претпостави дека македонската домаќинка овој производ ќе го стави во првите редови во горната полица на зачини наместо здепастите и неатрактивни пакувања од конкуренцијата чие резервирано место е под мијалникот. Македонската домаќинка со задоволство би го извадила ова шишенце и би го поставила на масата кога приготвува свечена вечера и кога пречекува гости. Таа дури би го зачувала картончето и би го заврзувала шишенцето со конопчето кое доаѓа со ова пакување.

Како што реков и на самиот почеток, неизбежно е потрошувачот да развие посебен однос кон ова пакување, затоа што и целта на креативниот тим била да создаде еден посебен производ. Во време кога компаниите вложуваат значително многу средства и енергија да воспостават комуникација со нивните потрошувачи, фрапантно е што Пивара Скопје успеала  уште пред 10тина години да создаде производ кој го постигнува истиот ефект и тоа само преку своето пакување.

Mama’s ајвар – Тргопродукт | Стакло 350g, 700g | Дизајн: Македонија Експорт, PeterGregsonStudio (Србија)

Може да се каже дека Mama’s ајварот го поседува имиџот кој долго време беше очекуван да се појави на македонскиот пазар. Конечно имаме „ајвар производ“ кој има современ, смел и препознатлив дизајн наспроти конкуренцијата чии пакувања се претопуваат во едно општо непрепознатливо море од дизајни карактеристично за нивната категорија. Она што го издвојува Mama’s ајварот е што уште со првиот поглед на теглата, добивате порака дека се работи за бренд. „Ние не сме тука затоа што имаме најниска цена, ние сме тука затоа што сме свои,единствени и подобри од нашата конкуренција“.

Ако се анализира етикетата на една стандардна тегла од нашата индустрија за преработка на овошје и зеленчук ќе забележиме еден добро поставен систем на хиерархија:  во централниот горен дел е присутно логото на производителот во мали димензии  под кое стои описот на производот, а најдолу скоро секогаш може да се забележи илустрација на конзервираниот зеленчук. Нажалост, графичкиот третман на овие етикети е целосно застарен колоритно, типографски и од аспект на употребата на самите фотографии/илустрации. Она што го прави пакувањето на Mama’s ајварот карактеристично е токму современоста во графичкиот третман.  Најпрвин етикетата има црна позадина (што претходно беше незамисливо за пакувањата во оваа категорија) и иако најгоре повторно може да го видиме логото и описот на производот, тие се опишани со болдиран и современ фонт. Овие јасни и смели фонтови подолу се балансираат со ракописен мал фонт употребен да се опише рецептот по кој е направен ајварот. Ова претставува одлична замна за илустрациите присутни на повеќето етикети.  За конечен впечаток, дизајнерите обрнале посебно внимание на врвот од теглата кој го покриле со типографски истретирана хартија која е заврзана со ластичиња на кои пак е закачено картонче во форма на пиперка. Морам да кажам дека овие декоративни елементи повторно, одлично ја вршат својата функција. Тие истовремено ја раскажуваат приказната за овој бренд но,  исто така се елементи кои наоѓаат реална употреба при домашната припрема на ајварот (ластичиња за да се осигура целофанот, а весникот да се зачува топлината на теглите во гајбата). Ова укажува на одличното познавање и на досетливоста на креативниот тим кој ја земал предвид традицијата поврзана со овој производ при дизајнирање на неговото пакување.

Mama’s ајварот несомнено претставува еден целосно заокружен производ, од самата рецептура до пакувањето и начинот со кој се третира самиот бренд. Токму ваквиот пристап ќе му овозможи на овој бренд да се наменте како лидер кој ги диктира стандардите во преработувачката индустрија на овошје и зеленчук. Она што го прави ова пакување единствено е што тоа директно резонира со веќе воспоставените претстави кај своите потрошувачи за тоа како треба да изгледа една тегла ајвар подготвен од една современа македонска жена.

КОН МЕСТО БР. 9 И БР.10

One thought on “10 најдобри македонски пакувања бр.8 и бр.7

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s