10 најдобри македонски пакувања (бр.10 и бр.9)

Тешко е да се збоорува за успешни пакувања, а без притоа да не се земе предвид улогата на производителот или конкретниот производ во нашето секојдневие. Во оваа листа се содржани токму такви, секојдневни пакувања кои пред се, обликуваат македонски производи. Потребата да се издвојат и рангираат најдобрите 10 македонски пакувања е прилично јасна ако се земе предвид дека ретко се дискутира за квалитетот на нашите дизајнерски решенија во рамките на нашата држава. Од таа гледна точка, оваа листа пред се има функција да го издвои квалитетот и да отвори дискусија за оваа тема, многу повеќе од тоа да се стреми да биде претенциозна ранг-листа за конкретните пакувања.

Кога се говори за пакувањата, потребно е да се разгледаат повеќе фактори кои влијаат на нивниот квалитет и кои во голема мера се земени предвид во оваа ранг-листа. Едно успешно пакување треба да:

  •  изгледа соодветно или атрактивно (самостојно или поставено во низа едно до друго или под друго)
  •  се отвора лесно
  •  пружа можност за повторната употреба по првото отворање
  •  ги содржи сите потребни спецификации за производот
  •  го штити производот од механичка, елементарна и др. оштети што ја загрозуваат неговата содржина
  •  лесно да се пренесува и складира
  •  го штити производот од кражба и др.

Во продолжение можете да ги погледнете избраните пакувања заедно со пропратните информации за компанијата или за самиот производ заедно со лична анализа и коментар.

Кафетин Колд – Алкалоид, | 10 таблети | каширан и пластифициран картон

Додека ја составував оваа листа, пакувањето за Кафетин Колд беше единственото кое драстично ги менуваше своите позиции и беше единственото за кое имав сериозни размислувања дали воопшто заслужува да биде селектирано како кандидат на оваа листа. Причините за моето премислување може да се објаснат разгледувајќи ја самата амбалажа. Прво, ова е единствениот производ од оваа листа кој неможете да го набавите во вашиот локален маркет. Неговото продажно место е аптеката и токму поради тоа ова пакување мора да се разгледува споредено со останатите пакувања за лекови. Второ, дури и да се разгледува во однос на другите пакувања за лекови, природата на овој препарат не е иста како останатите. Не сум запознаен премногу со регулативите за изгледот на пакувањата за лекови но, според ситуацијата на терен изгледа дека парацетамолот нема ист третман како што имаат и останатите посериозни лекови: антибиотици, антихистаминици итн. Очигледно е дека пакувањата за полесните медицински препарати уживаат поголема слобода на тоа како и што ќе се прикажува на амбалажата.

Карактеристично за ова пакување е што најпрвин на него може да забележиме фотографија од женско лице што многу ретко се среќава кај пакувањата за лекови. Втората работа што го прави ова пакување карактеристично е што скоро целото е синo, а и самите теблети се обоени во сино. Ова укажува на тоа дека се работи за производ создаден со силна маркетиншка предумисла и цел – продажба. Не е случано што овој препарат може да се види на секое стакло од секоја аптека во Македонија. Отсјајот од стаклото во аптеката одлично се надополнува со сребрениот финиш на самиот картон па во комбинација со женското лице  и карактеристичната боја се создава совршена синергија која веднаш го привлекува вашето внимание и ја остварува продажбата на овој производ. (лицата на пакувањата се првото нешто што го забележува купувачот)  Ако се земе предвид фактот дека 70% од  конечната одлука за пазарување на одреден производ се случува токму на местото каде производот се изложува, тогаш се чини дека Алкалоид има создадено еден совршен производ. Токму и поради тоа, Кафетин Колд резултира со своето карактеристично сино-светкаво пакување кое на одредени моменти делува дури и како кич меѓутоа, не е возможно да не го забележите кога ќе влезете во аптека. Уверен сум дека ова македонско пакување остварува одлична продажба посебно во пазарна ситуација кога повеќето од потрошувачите парацетамолот го врзуваат со многу посилен странски бренд па тоа е и најголемата причина зошто ова пакување заслужува да се најде на оваа листа.

Добра вода – Различни амбалажи: PET, стакло

Кога станува збор за пакувања, брендот на Добра Вода се наметна како водач во својата категорија – минерални води. Се чини дека генералниот впечаток што дизајнерите сакале да го остават со овие пакувања е чувството на  беспрекорна бистрина. Ова се забележува во третманот на етикетата и на самата амбалажа. Етикетата во најголемиот дел е транспарентна со минимална графичка интервенција која е резервирана само за логото и една дискретна илустрација на планинаски врвови. Додека формата на амбалажата не се разликува многу од таа на конкурентите, ненаметливата боја и третманот на самата пластиката оддава чувство на ненаметлива префинетост која го дополнува впечатокот на она што оваа вода треба да го означува. Во таа насока, дизајнерите завршиле многу подобра работа од луѓето кои се задолжени за маркетингот на овој бренд, бидејќи од нивна страна, до потрошувачот скоро и да не допираат информации каква вода всушност пие или пак треба да пие. Информациите потрошувачот генерално ги добива преку самото пакување кое говори за еден префинет женски принцип кој е бел, чист, млад и недопрен. Наспроти отсутниот маркетинг, овој женски принцип се појавува во една од најдобро изработените македонски реклами токму за оваа вода: „Шише полно живот“. Ако се сеќавате, тоа беше рекламата со Пинокио. Тука Добра Вода ја има улогата на Добрата Вила која дава живот исто како во приказната на една навидум безживотна кукла.  Во спотот јасно се гледа инспирацијата на креативниот тим која несомнено тргнал да го гради сценариото од самата амбалажа успешно пренесувајќи го женскиот девствен принцип. Дополнително, во приказната Добрата Вила се симнува од ѕвездите, а токму и ѕвездата е составен дел од амбалажата на водата. Таа е присутна на горниот дел од капачето кое е обоено во една боја, различна за секоја од различните линиите на води. Смелоста во третманот на капачето му обезбедува на шишето добра видливост на рафт и инстантна препознатливост благодарение на симболот во форма на ѕвезда. Оваа смелост во контраст со ненаметливиот дизајн на останатите делови на амбалажата прави еден заокружен дизајн-производ кој повеќе од заслужено го најде своето место во оваа листа.

КОН МЕСТО БР.1

One thought on “10 најдобри македонски пакувања (бр.10 и бр.9)

  1. Добро што ја спомна Добра Вода 🙂 Има еден “проблем” кој како потрошувач сум го забележал во дизајнот на шишињата. Имено, “величината е сепак важна” 🙂 и тоа величината на отворот на шишето. Долго време се чудев зошто имам впечаток дека водата “Jana” е некао специјално добра и таа разлика ја чувствувам само доколку сам ја наполнам чашата (инаку, вода ко’ вода :-)). Тогаш обрнав внимание на она што при секое ставање на вода во чаша, потсвесно го примаме, начинот на кој водата истекува од шишето. Да, Jana има нешто поголем отвор па кога водата истекува нешто потсвесно ми вика, уф, ама е добра водава 🙂 A, можеби па и јас сум мрднат?

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s